ПРАВИЛА ЗА ЛАДНА ДЕТСКИ ЛИКОВЕН КОНКУРС
Организатор на детскиот ликовен конкурс
Член 1
Организатор на детскиот ликовен конкурс е Друштвото за трговија и услуги МАГРОНИ ДОО Скопје, со седиште на ул. Столтенбергова бр. 2, 1000 Скопје, со ЕДБ МК 4030000400832 и ЕМБС 5472229.
Цел на детскиот ликовен конкурс
Член 2
Целта на овој ликовен конкурс е да се поттикне креативноста, оригиналноста и уметничкото изразување на младите учесници и промовирање на брендот Ладна. Конкурсот има за цел да овозможи деца од различни возрасти да ги покажат своите ликовни способности, да ги развиваат своите вештини и да ги поттикнат да ја истражуваат и изразуваат својата уметничка визија.
Територија
Член 3
Детскиот ликовен конкурс ќе се организира и ќе се спроведува на целата територија на Република Северна Македонија.
Право на учество и правила за учество
Член 4
Во детскиот ликовен конкурс право на учество имаат сите кои се државјани на Република Северна Македонија на возраст од 4 до 10 години. Право на учество во детскиот ликовен конкурс немаат децата на вработените во Магрони ДОО Скопје, и децата на вработените во маркетинг агенцијата ММС Комуникации Македонија ДОО. Детските цртежи на тема “Мојата замислена планета” заедно со податоците за детето:
- Име и презиме,
- Датум на раѓање,
- Адреса и
- Контакт телефон,
ќе се закачуваат на веб страницата www.ladna.com.mk
Цртежите мора да бидат убаво скенирани или фотографирани со одлична резолуција. Цртежите не смеат да бидат дигитално обработувани.
За секој прикачен цртеж, испраќачот ќе добие потврда за успешно прикачен цртеж на самата форма за прикачување. Доколку некој учесник не ги исполнува условите за учество во ликовниот конкурс, автоматски ќе му биде оневозможено прикачување на цртежот.
Оригиналниот цртеж мора да се чува до завршување на ликовниот конкурс.
Секој цртеж мора да биде индивидуален, односно нацртан од страна на едно дете, а не од група на деца. Може да учествуваат цртежи во која било техника, форма и големина. Едно дете може да испраќа повеќе цртежи.
Цртежите ќе ги оценува тричлено стручно жири. Оценувањето ќе се одвива во две фази. Во првата фаза стручното жири ќе ги оценува сите прикачени цртежи и ќе направи потесен избор на цртежи, односно секој член на жири комисијата ќе одбере 10 цртежи кои ќе влезат во втората фаза на оценување. Еден од главните критериуми на жири комисијата при оценка на цртежите во првата фаза ќе биде нивната автентичност, при што секој цртеж ќе се оценува согласно возраста на детето.
Втората фаза на оценување ќе се одвива на локација во Скопје (која дополнително ќе се определи), каде секое дете чиј цртеж влегол во втората фаза ќе мора лично да присуствува и да нацрта нов цртеж на темата. Притоа, со себе ќе мора да го носи и цртежот кој самиот го нацртал и кој влегол во втората фаза на оценување. Доколку не го достави оригиналниот цртеж, истиот ќе биде дисквалификуван. Тричлената стручна жири комисија ќе ги одбере добитниците на награди според нацртаните цртежи во втората фаза на оценување.
Натпреварувањето ќе биде во две категории: деца на возраст од 4 до 7 години – родени во периодот од 06.05.2018 до 07.05.2021 и деца на возраст од 7 до 10 години родени во периодот од 08.05.2015 до 07.05.2018 до година. Правото на сопственост на сите испратени цртежи кои ќе влезат во втората фаза на оценка го задржува Магрони ДОО Скопје.
Времетраење на детскиот ликовен конкурс
Член 5
Детскиот ликовен конкурс ќе започне на 26.02.2025г. и ќе трае до 07.05.2025г. Ќе се разгледуваат само цртежите кои ќе бидат прикачени на веб страницата www.ladna.com.mk, пратени на е-адресата marketing@magroni.com.mk или кои ќе пристигнат по пошта во просториите на Магрони заклучно со 07.05.2025 година.
Награди
Член 6
Наградите кои се обезбедени од страна на организаторот се дадени подолу:
Тип на награда
|
Број на награди
|
Прва награда - патување во Дизниленд, Париз на детето со родители/старатели
|
2
|
Втора награда – годишен курс за цртање
|
2
|
Трета награда- Таблет за цртање
|
2
|
Подигање на наградите
Член 7
Добитниците на наградите ќе можат да ги подигнат наградите во рок од 60 дена од денот на објавување, во просториите на МАГРОНИ ДОО на ул. Столтенбергова бр. 2, Скопје, секој работен ден од 8 до 16 часот со приложување на документ за идентификација.
Технички и организациски мерки за обезбедување тајност и заштита на обработката на личните податоци од учесниците во детскиот ликовен конкурс
Член 8
За сите прикачени цртежи задолжително се применуваат технички и организациски мерки за заштита на лични податоци класифицирани на основно ниво, со цел осигурување на нивната безбедност. Личните податоци (име, презиме, датум на раѓање, адреса и контакт телефон) на учесниците во конкурсот се обработуваат врз основа на нивна информирана и доброволна согласност, во согласност со членот 12 од овие правила и одредбите на Законот за заштита на лични податоци.
За наградените цртежи за кои е потребна обработка на матичен број како личен податок, задолжително се применуваат технички и организациски мерки класифицирани на основно и средно ниво. Матичен број на учесниците се обработува само доколку истиот е награден во ликовниот конкурс. Добитниците на награди се должни да достават свој матичен број заради исплата на данок на личен доход, а обработката на матичниот број ќе се врши исклучиво во рамки на правните обврски.
Објавување на лични податоци на испраќачи на цртежи и на наградени испраќачи на цртежи
Член 9
Организаторот на ликовниот конкурс јавно ќе ги објави сите цртежи кои ги исполнуваат условите од овие правила, како и наградените цртежи на веб страната на Ладна: www.ladna.com.mk заедно со личните податоци на испраќачите (име, презиме, број на години и град на живеење). Наградените цртежи ќе се објават и на Facebook страната на Ладна и на Instagram профилот на Ладна, заедно со податоците на испраќачите (име, презиме, број на години и град на живеење). Пристап до овие податоци ќе имаат сите оние кои ќе ја посетат веб страната на Ладна, Facebook страната на Ладна и Instagram профилот на Ладна. Обезбедени се технички мерки во однос на објавување на личните податоци на испраќачите така што со внесување на име и презиме на испраќачот (субјектот на лични податоци) и пребарување на search engines како што е Google search или Yahoo, не постои можност да се повлечат податоци за субјектот од содржините кои се поставени на веб странцата и Facebook страницата на Ладна.
Начин на информирање на субјектите на лични податоци
Член 10
Личните податоци од испраќачите на цртежите ќе ги собираат и ќе ги евидентираат овластени лица кои имаат потпишано изјави за тајност и заштита на лични податоци и имаат добиено овластување за распишаниот конкурс во збирка на лични податоци на потрошувачи – учесници во детскиот ликовен конкурс.
Целите на обработка на личните податоци на испраќачите на цртежи се следни:
- Име и презиме – заради овозможување на идентификација и дистинкција на испраќачите и испратените цртежи
- Датум на раѓање – заради утврдување на правото на учество во ликовниот конкурс како и определување на припадноста во една од двете возрасни категории
- Адреса – потребна за испраќање на благодарници за учество во ликовниот конкурс
- Контакт телефон – потребен за информирање на испраќачот доколку истиот е награден со некоја од горенаведените награди
- Матичен број – се обработува само на нагрaдените испраќачи заради уплата на персонален данок во Управа за Јавни приходи.
Испраќачите на цртежи (Субјекти на лични податоци) имаат право да побараат информирање од Контролорот (Магрони ДОО) во однос на обработката на лични податоци.
Контролорот е должен да даде соодветен одговор за секое прашање поврзано со заштитата, обработката и чувањето на личните податоци.
Контролорот има право на пристап до личните податоци кои се собираат во базата на Маркетинг секторот на Магрони ДОО. При настаната грешка во објавувањето на личните податоци, Контролорот има право на исправка на истите.
Рок на чување на личните податоци
Член 11
Личните податоци и сите испратени цртежи кои ќе влезат во втората фаза на оценка, ќе се чуваат во маркетинг секторот на Магрони ДОО една година од започнувањето на детскиот ликовен конкурс.
Наградените цртежи, но не и личните податоци на наградените учесници, трајно ќе се чуваат во просториите на Магрони ДОО, додека пак сите останати цртежи кои влегле во потесниот круг на избор, заедно со личните податоци на испраќачите ќе бидат уништени по една година од започнувањето на детскиот ликовен конкурс со записник во присуство на тричлена комисија.
Важност на правилата на ликовниот конкурс
Член 12
Овие официјални правила важат од денот на нивното донесување и истите ќе важат се до завршувањето на детскиот ликовен конкурс. Со учеството во ликовниот конкурс секој учесник ги прифаќа сите права и обврски утврдени во овие правила и се согласува на обработка и чување на личните податоци опишани во овие правила.